Ковид-19 не е лага, туку опасна болест
ветската здравствена организација потврди оти вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година во Кина. Дека коронавирусот е специфичен и посебен, не е измислен и дека афектира луѓе, покажува и фактот што сите земји во светот применуваат антиковид мерки за да се спречи неговото ширење. Според Институтот за јавно здравје, бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата во земјата достигна 207.566, а починати се 7.276 лица
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека „ковид е најопасната и најлошата лага во историјата на човештвото“. Ова тврдење не е точно, постојат бројни докази со кои што истото може да се покаже.
Прво, коронавирусот е изолиран во лабораторија, со што се докажува неговото постоење. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација (СЗО) потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување. Ова изолирање на коронавирусот содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“.
Дека коронавирусот е специфичен и посебен, не е измислен и дека афектира луѓе, покажува и фактот што сите земји во светот применуваат антиковид мерки за да се спречи неговото ширење. ПЦР тестовите за ковид-19 се прецизни и детектираат генетски материјал на Сарс Ков 2 вирусот, но не и вируси кои се причинители за настинка или грип, иако сиптомите во одреден дел може да бидат слични. Значи, коронавирусот е посебен и ако се детектира, тогаш ниеден друг вирус не може да се „обвини“ за симптомите.
Како што е објаснето на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје, методот според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот се одвива во 2 чекори и претставува златен стандард во детекцијата.
Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетни партикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.
Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна RNA и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2 таргет гени (N и Е гени). Овие гени се за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум 10 копии од генот, пишува на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје.
Погорниот пасус, објаснет со едноставна терминологија, всушност, значи дека ПЦР тестот исклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за Сарс Ков 2 специфични гени – N и E кои ги има само во коронавирусот и ниеден друг вирус.
Во јавноста сè почесто излегуваат и семејствата на починатите, кои сведочат дека нивните блиски починале како последица на ковид, а ваквите сведочења не може да се побијат. Особено, затоа што постои медицинска историја од хоспитализацијата на пациентите и параметри кои укажуваат на клиничка слика од ковид, некарактеристична за други болести.
Медицински професионалци посочуваат на симптоми, на клиничка слика и на начин на кој се манифестира болеста. Тие најдиректно се соочуваат во секојдневната пракса со пациенти коишто лично ги лекуваат од ковид и свесни се дека болеста постои.
Според последната статистика на Институтот за јавно здравје (09.11.2021), за 24 часа од направени 3.597 тестирања, откриени се 656 нови случаи на ковид-19. Со тоа бројот на активни случаи кои во моментот имаат ковид е 8.368. Починати за само еден ден се 21 лице, сите во болнички услови. Бројот на починати во ковид пандемијата е 7.276 лица, а бројот на дијагностицирани од почетокот на пандемијата е 207.566 лица.
Со така високи бројки на заразени и починати, невозможно е да се манипулира. Ако на почетокот на пандемијата приврзаниците на антивакциналната кампања и поборниците за нејзиното неспроведување тврдеа дека пандемијата не постои (како што очигледно уште тоа се прави), стана сè потешко тоа да го прават, зашто Северна Македонија е прилично мала земја, па секој познава или некој близок или некој член на друго семејство кој се разболел или починал од ковид. Сите имаат соседи, пријатели и родинини и искуствата од прележувањето на болеста почнаа да се споделуваат отворено.
Од странство почнаа да доаѓаат и искуствата за прележаните кои и по половина година се мачат со постковид компликации. Такви пациенти има и во Скопје, кои не можат да станат од кревет без да се задишат или да им опадне сатурацијата.
Од сите горенаведени факти евидентно е дека ковид постои и не е лага, иако авторката на постот што го рецензираме во повеќе наврати се обидува да ја банализира сериозноста на ситуацијата и да ја негира реалноста. Тоа последен пат го направи кога напиша дека ковид и Дедо Мраз се слични, бидејќи не постојат, меѓутоа честопати се споменуваат поради што се создава перцепција дека постојат. Неумесните споредби од ваков вид се невистинити, а пандемијата е вистина и уште трае, особено во екот на поразорниот делта сој, за 70 проценти позаразен од оригиналниот сој на коронавирусот.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар