Ковид пандемијата не е измама, туку таквото тврдење е опасна манипулација

Објавено на 10 август, 2021 во 09:30

Комплетна невистина е дека ковид пандемијата е измама. За тоа дека пандемијата е вистинска говори бројот на новозаразени и на жртви во секоја земја од светот. Измама е да се манипулира со јавното мислење и да се нафрлаат флоскули кои се неосновани, непоткрепени со никаков доказ и да се затвораат очите пред бројните докази, експертски мислења, но и пред жртвите од последици на коронавирусот

Рецензираме објава на Фејсбук во којшто се тврди дека пандемијата ќе падне како најголема измама во светската историја. За ова тврдење не се дава никаква дополнителна аргументација.

Самиот пост е на линија на теорија на заговор дека некои далечни, неидентификувани, скриени од светот и во мал број моќни луѓе, се собрале и решиле да му наштетат на остатокот од светот преку злоупотреба на позицијата на моќ. Теоретичарите на заговори вообичаено се сметаат себеси за покритичка група на граѓани од останатите, кои се ,,заведени” и ,,излажани”, па овие првите мора да им ги отвораат очите!

Зошто ковид пандемијата не е измама?

Од многу причини. Прво, според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО) за тоа што е пандемија, вирусот треба да биде раширен во сите земји од светот,  а со коронавирусот токму тоа и се случи.

Второ, вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврди дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување. А, поттоа на 11 март 2020 година СЗО ја прогласи пандемијата. Раководството тогаш на брифингот за причините за пандемијата соопшти:

Во последните две недели бројот на заразени со корона вирусот надвор од границите на Кина се зголемува. Бројот на земји, кои пријавија случаи позитивни на овој вирус, се триплираше. Во моментов имаме 118.000 заразени во 114 држави во светот. Вкупно 4.291 лица досега ги загубија своите животи, а илјадници други се борат за своите животи низ болниците.

Третата причина што многу јасно покажува дека пандемијата е вистинска, е бројот на новозаразени и на жртви во секоја земја од светот. Присуството на вирусот се детектира преку ПЦР тест кој е ист насекаде. Само да го земеме примерот со Македонија, каде досега регистрирани се 156.707 позитивни лица, бројката на оздравени пациенти е 150.440, а на починати е 5.497, а бројот на активни случаи изнесува 770 (статистика од Институтот за јавно здравје од 4 август 2021).

Надвор од здравиот разум е да се тврди дека некој ги исценирал сите овие случаи. Во многу наврати беше известувано дека од вирусот умираат и млади и возрасни и дека тој е непредвидлив, односно иако поголемиот дел од луѓето ќе го поминат со полесна симптоматологија, сепак, дел од нив ќе бидат соочени со компликации кои се однесуваат на органи од телото кои не се респираторни, како бубрезите, кардиоваскуларниот систем. Ковид-19 е особено опасен за луѓето кои имаат придружни заболувања, бидејќи како дополнение на самата претходна хронична состојба – односно коморбидитет, коронавирусот може да биде фатален. Над 85 проценти од починатите пациенти во Македонија, имале една или две придружни болести. 

Паушалното, неосновано, сосема опасно по јавното здравје тврдење дека пандемијата е измама, доаѓа во период кога бројот на заболени расте, кога во еден ден регистрирани се над 200 случаи во Македонија, а напорите на здравствените власти да обезбедат вакцинација за што поголем број граѓани, се блокирани од антивакцинални дезинформации и пропаганда која му се заканува и на обидот да се создаде колективен имунитет.

Комплетна лага е дека ковид пандемијата е измама. Измама е да се манипулира со јавното мислење и да се нафрлаат флоскули кои се неосновани, непоткрепени со никаков доказ и да се затвораат очите пред бројните докази, експертски мислења, но и пред жртвите од последици на коронавирусот.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.