ДЗС: Авионска бомба експлодира изминатиот четврток на градежната локација на Подземна катна гаража во Велес, извадени се распрснатите парчиња

Авионска неексплодирана бомба тешка над 200 кг ја предизвика експлозијата во четвртокот, 9 октомври, на градилиштето на Подземна катна гаража во Велес. Неактивираната бомбата, од Втората светска војна, се наоѓала на осум метри длабочина, од асфалтот на улица „Гоце Делчев“. Локацијата на која експлодираше кога најверојатно ја потфатила градежната механизација се наоѓа на јужната страна на подземната катна гаража поточно под поранешниот поплочен дел на којшто беше поставен споменикот на Кочо Рацин, во центарот на Велес.

Според Диме Митевски од Одделот за оператива и логистика на Дирекција за заштита и спасување експлозијата се случила во внатрешноста на земјата кога авионската бомба се распарчила. Експлозијата со звук и потрес ја почувствувале градежните работници. Фирмата изведувач пријавила во Сектор за внатрешни работи Велес и во Дирекција за заштита и спасување. По петочните проверки на теренот околу бомбата денеска деминерите повторно беа во Велес.

-Деминер уште во петокот ги лоцира остатоците. Беше утврдено дека авионската бомба од експлозијата е распарчена а во нејзиното опкружување нема друго опасно средство. Денеска пред стручното вадење деминерот го провери целиот јужен дел на парцелата, на секој 50 см длабочина и оддалеченост, околу остатоците на бомбата. Нема индиции за друго неексплодирано средство. Потоа со помош на градежната механизација на фирмата изведувач беа извадени распрснатите делови на бомбата. Деловите ги транспортиравме од локацијата, додаде Митевски.

Дирекцијата за заштита и спасување, денеска, откако ги извадиле остатоците од експлодираното убојно средство ја известила фирмата изведувач на градежни работи „Делта пром“ дека може да продолжи со работа на ископот на Подземна катна гаража. Фирмата го очекува и писменото известување. На изведувачот дозволено му е од утре, вторник, 14 октомври да продолжи со изведување на ископот.
Тоа што особено е интересно е што неексплодираната авионската бомба 75 години била најмалку осум метри во длабочината на земјата во строгиот центар на Велес.
Убавка Јаневска


