АХВ во Велес не затворил објекти кои продаваат храна туку 8 задолжил за поуредно административно водење на хигиена
Објавено: 18 ноември, 2025, во 15:12 часот
Инспекторите на Агенција за храна и ветеринарство во Велес при последната контрола на објектите и операторите со храна кои се наоѓаат во непосредна близина на училиштата ( основни и средни) од каде учениците најчесто купуваат храна не затвориле ниту еден од контролираните сендвичари, бурекџилници или продавници за храна. Ова за Дума.мк го тврди инспекторката д-р Марија Пачемска.
Според д-р Пачемска која заедно со колегата инспектор во Велес ги вршеле контролите соопшти дека најверојатно станува збор за техничка грешка или ненамерен превид во имињата на градовите.
-Најверојатно станува збор за техничка грешка или ненамерен превид во имињата на градовите. Бидејќи учествував во контролите ќе соопштам дека ниту еден од велешките објекти кои беа контролирани не е затворен туку во осум беа констатирани ситни недостатоци во делот на уредно водена евиденција за одржување на хигиена. На тие угостителски објекти им подготвивме и издадовме Решение со кое што ги задолживме во рок од 10 дена да ги отстранат недостатоците со внесувањето на точни податоци за денот и часот како и за средството со кое ја одржувале хигиената и да продолжат да работат согласно укажувањето, додаде инспекторката д-р Пачемска.
Убавка Јаневска


