Акција „Чист град 2025“: Општина Велес ги повикува граѓаните да ги отстранат напуштените возила од јавните површини

Акцијата „Чист град 2025“, која има за цел да го подобри изгледот на јавните површини во Велес и да ја заштити животната средина со отсранување на хаварисани, искористени и напуштени моторни возила, приклучни возила како и земјоделски машини од нивните сопственици кои се оставени на јавните површини ќе започне на 14 април, годинава. Истата ќе биде спроведена од страна на Општина Велес и МВР-СВР Велес и ќе биде реализирана во две фази.
Првата фаза ќе започне со превентивни мерки и тоа со лепење на налепници на напуштените, хаварисаните и искористени моторни возила, приклучни возила и земјоделски машини оставени на јавните површини. Овие налепници ќе укажуваат на рокот за отстранување на возилата, кој ќе биде дефиниран од страна на надлежните органи.
Во втората фаза, ако возилата не бидат отстранети во предвидениот рок, ќе следуваат репресивни мерки, односно изрекување на глоби од страна на Општина Велес и МВР-СВР Велес.
Од Општина Велес бараат соработка од страна на граѓаните и отстранување на моторните возила, приклучни возила и земјоделски машини кои не се во употреба и се оставени на јавните површини. На овој начин, велешани ќе допринесат за чиста и здрава животна средина и ќе помогнат во редефинирањето на градскиот пејзаж.
Акцијата „Чист град 2025“ е важен чекор во создавањето на поубаво и попријатно живеење во Велес, а граѓаните се повикуваат да дадат свој придонес за успешната реализација на оваа иницијатива.
Стефани Манева
