Апел: Празниците дочекајте ги без пиротехнички средства, опасни се по животот, го загадуваат воздухот и ги вознемируваат животните“
Без петарди, особено петарди од категориите Ф2 и Ф3, бараат граѓаните кои се пријатели на животните во Велес. Тие им се обратија на сограѓаните како и на граѓаните во Македонија да не користат други пиротехнички средства од овие категории, како што се ракети, воздушни бомби и огномет, бидејќи тие исто така им штетат на луѓето како и на животните и го загадуваат воздухот и животната средина.
Бројни поплаки до нив стигнале за нелегално пукање петарди, но и за т.н. воздушни бомби, кои всушност се петарди што се испукани во воздух. Се тоа е опасно сметаат овие сограѓани кои можете да ги видите секојдневно како се грижат за бездомните животни на улиците во Велес. За нив употребата ба пиротехнички средства не е само опасна по животните туку и по луѓето.
„Една изгубена детска рака, и едно мртво животно поради употреба на пиротехнички средства е премногу,“ констатира велешанка која е љубител на бездомни животни.
„Лудо ја задржуваат законската можност секој да може легално да пука пет дена пред Нова година во секое време од денот или ноќта, а граѓаните, велат, немаат на кого да се пожалат за нарушување на мирот,“ додаде нејзина пријателка.
Поради непрекинатата бучава, птиците и другите диви животни се повеќе се исцрпуваат и лесно се убиваат бидејќи не мирувале, туку летале вознемирени, а поголема е веројатноста за смрт кај кучињата и мачките кои се плашат од гласна пиротехника.
„Позитивен тренд во светот е што градовите се откажуваат од организирање огномети и користење на секакви бучни пиротехнички средства за да ја прослават Новата година и се свртуваат кон начини на славење кои не предизвикуваат бучава, експлозии и загадување на животната средина. Денес за новогодишната ноќ се достапни алтернативи како светлосни ефекти, дронови, ласери, рефлектори и видео мапирање. Употребете ги нив затоа што се побезбедни“, порачува оваа група на пријатели на животните во Велес.
Убавка Јаневска