Архитектонска изложба „Вертикални форми на населување“отворена во Ликовен салон Велес (фото и видео)

Објавено на 28 октомври, 2025 во 10:27

Млади дипломирани архитекти, од кои една докторант и останатите магистри, преку 3Д модели, макети, фотографии, технички цртежи и податоци поврзани со 13 од вкупно 21 градежни објекти за домување или кули, десеттина стари велешки куќи и Градската саат кула ја претставија архитектонската приказна на градот Велес. Тимот на свеченото отворање на изложбата „Вертикални форми на населување“ во Ликовен салон, вчера вечер, презентира резултати на истражувачки проект, во национални рамки, со кој се опфатени вкупно 17 македонски а меѓу нив и градот Велес.

Преку посветената работа на тимот од архитекти, во кој нема Велешани, сега Велес има приказна за неговите висококатници како и за старите велешки куќи „што се качуваат по ридови“. Сепак станбените кули го обележаа модерното време на градскиот живот. Во оваа архитектонска приказна на Велес од клучно значење е соработките со велешката Подрачна единица на Државен  архив на Македонија и Народен музеј Велес, нагласија авторите на изложбата.

Изложбата ги обединува различните периоди и стилови на домување во Велес и ја доловува трансформацијата на градот во текот на XX век од стари традиционални куќи до кулите „Жаба зграда“, „Зграда ХИВ“, кулата до мост „Гемиџии“ и висококатници на булеварот „Благој Ѓорев“.

Свеченото отворање на изложбата заврши со три кратки презентации на д-р Минас Бакалчев редовен професор на Архитектонски факултет при УКИМ за „Дрвото, човекот и градот: Случајот со седумте јавори во Велес“, на Мартина Штериова за „Архитектонското наследство и истражувачката дејност“ и на Марија Петрова за „Станбените кули во градот Велес: Наследство од застарената иднина“.

Авторскиот тим кој ја создаде оваа изложба е составен од Марија Петрова – Фафа, Сара Јованоска, Теодора Стеваноска, Ахмед Пошка, Горан Трајановски, Кирил Кочоски, Дејан Јанев и Ангела Петроска.

Изложбата ја посетија голем број на дипломирани архитекти и градежни инжинери од Велес. Меѓу гостите беше и поранешниот македонски Претседател, Стево Пендаровски со сопругата Елизабета.

Проектот е дел од Годишната програма од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.