Архивисти од Хрватска во посета на Велес: Истражување, соработка и културно поврзување
Објавено: 26 септември, 2025, во 12:12 часот
Дванаесет архивисти од Државниот архив на Република Хрватска, од одделението во Славонски Брод, вчера го посетија Велес, неговиот архив, како и богатото културно наследство на градот. Посетата е дел од нивното работно патување посветено на осознавање на архивската дејност на Балканот, при што оваа година фокусот го ставија на Македонија.

Раководителката на Државен Архив – Одделение Велес, д-р Јасмина Дамјановска, за Дума.мк изјави дека целта на нивната посета е продлабочување на меѓународната соработка, размена на искуства и запознавање со начинот на работа во македонските архиви.
-Во Подрачната единица на Државниот архив во Велес, хрватските колеги имаа можност директно да се запознаат со условите за работа, методологијата и тековните активности на архивот, додаде Дамјановска.

Покрај професионалниот дел, архивистите прошетаа и низ културната историја на Велес, преку посета на Народниот музеј. Особено внимание привлекоа куќите на Кочо Рацин, Васил Главинов и Јордан Хаџи Константин Џинот, како и уникатната куќа на Касапови – позната како „куќата што лебди“, но нивна последна дестинација беше Спомен-костурницата. На сите културно-историски локации, гостите добиваа стручни објаснувања од Александра Гиовска, кустос за историја на уметноста во Народниот музеј Велес, која им го доближи значењето и контекстот на секој објект.

По Велес, архивистите од Хрватска ќе продолжат со посетите во Скопје, Битола и Охрид, со цел целосно да ја заокружат својата мисија за истражување и поврзување со архивите во Македонија.
Стефани Манева


