Автомобил излетал од улица на железничка пруга кај Велес, тешко повредено малолетно дете
Објавено: 27 јули, 2025, во 12:35 часот
Единаесет годишното девојче и неговата мајка биле пренесени на Хирушко одделение во Општа болница Велес. По извршени прегледи и добиени резултати лекарите, специјалисти по хирушки болести одлучиле девојчето веднаш да се пренесе на Клиника за детска хирургија во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
-Кај малолетната пациентка, на 11 годишна возраст, констатирана беше тешка телесна повреда поточно скршеница на бутна коска. Поради сериозноста на здобиената повреда веднаш е транспортирана на Клиника за детска хирургија во Скопје. Кај пациентката мајка на девојчето констатирани се полесно здобиени повреди на колк и одлучено е да биде задржана на лекување на Одделение за хирушки болести во Општа болница Велес, рече портпаролот др Ванчо Граматов.
Сообраќајната незгода се случила, вчера попладне, околу 16:20 часот на ул.„Димко Најдов“ во Велес. Таму возилото излетало од патот и завршило на железничката пруга. На фотографијата е прикажано извлекувањето на автомобилот со помош на транспортно железничко средство кај Стар Мост.
Од Сектор за внатрешни работи Велес соопштија:
„Патничко возило „хјундаи“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 48-годишната Р.Т. од Велес, излетало надвор од патот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле Р.Т. и нејзината 11-годишна сопатничка од Велес, констатирани во Ургентен центар при Општа болница Велес,“ пишува во полициското соопштение.
На местото на сообраќајката увид извршила увидна екипа на Сектор за внатрешни работи Велес.
Убавка Јаневска


