Бадниковата песна „Вечниот Бог“ одекна во двор и во црква „Свети Кирил и Методиј“, децата ја пееја по пат до општината (фото)

Објавено: 6 јануари, 2026, во 13:37 часот

Десетици деца претпладнево ја наполнија црквата „Свети Кирил и Методиј“ со цел да учествуваат во Бадниковата поворка низ главните улици на Велес и симболично да го најават Христовото раѓање. Децата, придружувани од своите родители, баби и дедовци, ја пееја бадниковата песна „Вечниот Бог“. За пеењето од свештениците на Повардарска Епархија, градоначалникот Марко Колев и претседателот на Совет на Општина Велес, Даниел Јаневски беа наградени со божиќни пакетчиња.

Потоа децата ја формираа Бадниковата поворка и тргнаа од црква  „Св. Кирил и Методиј“ по улицата „Благој Ѓорев“, до кружниот тек и  продолжија кон зградата на Општина Велес. Нивната песна  ги исполни градските улици со празнична радост, љубов и духовна топлина.

Утрово, со почеток во 09:00 часот, свештениците на Епархија Повардарска служеа Света Божествена Литургија, во црквата „Св. Кирил и Методиј“. Верници на Бадник доаѓаа во духовниот објект за да се помолат за здравје, среќа и бериќет на своите семејства по што палеа свеќи во дворот.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.