Бесплатни здравствени прегледи за жените од Општина Градско

Со цел подобра грижа за здравјето на жените и рана детекција на потенцијално сериозни заболувања, во Општина Градско се спроведе акција на бесплатни гинеколошки прегледи. Прегледите се одвиваа во адаптирана сала во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“, каде што беа опфатени 120 жени од Градско и околните населени места. Акцијата се реализираше во текот на десет дена, со претходно закажани термини и со поддршка од стручни медицински лица.
Како што информира за Дума.мк, Слободан Бошков од Основната организација на Црвен крст Градско овие прегледи за жените се состоеја од Ехо преглед, ултразвук, ПАП тест-цитолошки скринингза рак на грлото на матката и консултации со лекари специјалисти. Резултатите од ПАП тестот на жените кои се прегледела ќе им бидат доставени за две недели по пошта.
Прегледите беа организирани од Основната Организација на Црвен крст од Градско во соработка со Универзитетската клиника –Скопје,а со поддршка од Министерството за здравство во рамки на проектот „Грижи се за своето здравје, закажи бесплатен преглед и констултација со стручни лекари“.
Тој појасни дека освен од Градско со бесплатните здравствени прегледи биле опфатени и жени од различни возрасти од населените места Виничани, Ногаевци и други места во општината кои самоиницијативно се пријавиле за здравствен преглед.
-Во оваа кампања Општина Градско е одбрана за вакви бесплатни здравствени прегледи затоа што лекарите за жал констатирале поголемо присуство и со фатални последици од болеста рак на грло на матка кај жени од оваа општина. Прегледите се’ со цел превентивно да се делува односно навреме да се открие опаката болест и жените да се излекуваат и го спасат својот живот, потенцира Бошков.
Воедно информира дека вакви бесплатни здравствени прегледи во Градско и други рурални општини во државата како и во оваа акција ќе има и во септември годинава.
Една од жените која се прегледа, Драгица за Дума.мк ја поздрави оваа бесплатна превентивна акција, лекарите специјалисти да дојдат во нивното населено место и да ги прегледаат и да се консултираат со нив за нивното здравје.
-Ја подржувам ваквата инцијатива тие да дојдат кај нас и не прегледаат, затоа што Скопје е далеку, а на пример јас поради годините тешко да можам да одам до Скопје за прегледи. Вака со оваа акција која е за поздравување дојдоа кај нас во Градско и не прегледаат превентивно. Воедно навремениот преглед значи да се спаси некоја од нас жените ако е заболена во почетна фаза. Ваквите акции треба како и оваа да продолжат и понатаму и со нив да се опфатат сите жени не само од Општина Градско туку и од сите населени места во земјава, порача Драгица и останатите жени кои дојдоа на превентивните здравствени прегледи.
Стефани Манева
