„Безбеден град“ се тестира во Велес – предупредувачките пораки што граѓаните ги добија се дел од тестирање на системот (видео)

Објавено: 17 јули, 2026, во 13:33 часот

Засега не е потребна вознемиреност кај возачите доколку од завчера, среда,15 јули, на своите мобилни телефони добиваат смс пораки со содржина во која се предупредени дека на поставените камери од системот „Безбеден град“ на велешките улици се регистрирани како возат со поголема брзина од 30 км на час. Овие пораки се дел од тестирање на системот, соопшти Гоце Андреевски портпарол на Министерството за внатрешни работи.

„Ве известуваме дека во Велес, како и во други градови, се финализира тестирањето на системот „Безбеден град“ пред конечно да се пушти во употреба. Доколку граѓаните на Велес добиле пораки, тоа не се казни туку резултат на тестирањето,“ додаде Андреевски.

Тој додаде дека граѓаните ќе бидат навремено информирани кога системот ќе се пушти во употреба.

Како што дознава Дума.мк не е мал бројот на возачи во Велес на чии што мобилни телефони, во изминатите два дена, добиле смс пораки со содржина во која што биле информирани дека се регистрирани дека возеле со поголема  брзина од дозволената.

Исто така, вчера вечер, кога ги снимивме дел од поставените камери во централното градско подрачје, поточно на плоштад „С`рмаале“, со голо око не можеше да се забележи дека тие работат како кога се мине со возило на пример во Скопје. Таму во моментот на непосредна близина или минење на возилото под камерата се забележува слаб сигнал кој што покажува дека најверојатно се прави фотографија од возилото кое што го управувате односно се возите во него.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.