Продаден најстариот планинарски дом во земјава!
Велешанецот Љупчо Ѓоргиевски,сопственик на градежната фирма Изгрев, го купи планинарскиот дом „Чеплес“ под Солунска глава. Тој бил единствен заинтересиран купувач кој учествувал на вчерашната јавна продажба организирана од општина Чашка. Горгиевски за 4.053.566 денари го купи планинарскиот дом што беше објавена како почетна цена за продажба.
Продажбата на планинарскиот дом Чеплес се случи по четириесеттина дена откако општината го доби oобјектот и спроведе постапка за легализација на дивоградби. Тогаш домот е впишан како сопственост на општината во катастарот на недвижностите во КО Папрадиште.
Сега новиот газда во рок од 30 дена треба да ги уплати парите, околу 65 илјади евра, на сметката на општината. Потоа градоначалникот на Чашка, Горанчо Пановски ќе склучи купопродажен договор со Ѓоргиевски.
Досега, во изминатите шеесеттина години, со планинарскиот дом ,,Чеплес,, стопанисуваше планинарското друштво „Солунска глава“ од Велес. Објектот го изградиле општина Велес и планинарите веднаш откако било формирано друштвото. Од неодамна во управувањето со домот се вклучи и Планинарската федерација на Македонија. Тие започнале судска постапка со која го оспориле превземањето на домот од страна на општината.
Пред неколку години до стариот беше изграден, втор, нов објект на Чеплес со сретства обезбедени преку проект на УНДП и Американската амбасада во Скопје.
Во домот досега престојуваа голем број на планинари и љубители на недопрената природа на планината Јакупица. Објектот неколкупати гостопримство му понуди и на поранешниот амбасадор на САД во Македонија, Лоренс Батлер кој беше воодушевен и овој предел го вброи во најраскошните и напитомите предели во Македонија. Таму имаат престојувано и други дипломати а меѓу нив и Јорк Хереро, вршител на должноста амбасадор на Германија во Македонија./Б.Н
