ЦЈЗ Велес, од понеделник, започнува со вакцинирање на граѓаните против сезонски грип
Првата количина од 2.000 парчиња на холандските вакцини од производителот „Abbot“ се дистрибуирани во Центар за јавно здравје Велес. Од понеделник, два тима на оваа јавна здравствена установа го започнува вакцинирањето на пријавените граѓани. Според пријавите на апликацијата vakcinacija.mk по 150 велешани дневно ќе примат доза на вакцина.
-ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес подготви два пункта на кои два тима ќе ја издаваат здравствената услуга. Пунктовите се наоѓаат на приземјето во зградата. Така ги распоредивме за да бидат попристапни за граѓаните од повозрасната категорија. Нема како досега да се качуваат на вториот кат во зградата туку ќе имаат олеснет пристап до амбулантата. Со вакцинирање ќе започнеме во понеделник, на 21 октомври, во 08:00 часот а ќе завршиме во 13:00 часот. Распоредот за вакцинација за наредната недела го добивме и граѓаните се информирани за термините во коишто ќе може да им биде аплицирана вакцината,“ рече епидемиологот д-р Билјана Трајкова, началничка на Служба за епидемиологија.
Вакцина нема да се аплицира само во среда, на 23 Октомври поради неработниот ден во сите останати граѓаните ќе треба само да го запазат терминот за да не се создава метеж. Според др Трајкова според добиените информации од Министерство за здравство штом се потроши првата, ќе следи испораката на нова количина согласно бројот на пријавени граѓани кои ги исполнуваат условите за аплицирање на бесплатна доза на вакцина.
Центар за јавно здравје Велес освен со бесплатни првично располага и со 100 комерцијални вакцини против сезонски грип. Една доза од оваа количина чини 700 денари.
Убавка Јаневска