Даниел Јаневски повторно избран за претседавач на Советот на Општина Велес, Елизабета Митревска именувана за заменик-градоначалник
Објавено: 7 ноември, 2025, во 13:24 часот
На денешната втора седница на Советот на Општина Велес за претседавач на Советот беше избран Даниел Јаневски од ВМРО-ДПМНЕ, кој доби поддршка на 20 од вкупно 23 присутни советници.
Јаневски беше предложен од координаторката на советничката група на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Атанасовска. Советниците од Левица не гласаа, додека претставниците на СДСМ и советникот од ЗНАМ ја поддржаа кандидатурата.
Јаневски и претходно ја извршуваше оваа функција во периодот 2024–2025 година.
-Ова за мене не е само чест, туку и голема обврска – да продолжиме посветено, транспарентно и одговорно да работиме во интерес на сите граѓани. Во новиот мандат, мојата цел ќе биде уште појасна, да ја зачуваме стабилноста и угледот на Советот, да го унапредиме партнерството со граѓаните, месните заедници и институциите и да донесуваме одлуки кои ќе го подобрат квалитетот на живот во секој дел од нашата општина. Исто така ќе се залагам Советот да биде место на стабилност, конструктивен дијалог и соработка, каде одлуките се носат низ еден транспарентен процес со цел да го изградиме Велес како современ, чист и хуман град, истакна Јаневски.
Координатор на советничката група на Левица е Димче Ацков, а на СДСМ е Јованче Манасков.
Во продолжение на седницата беше соопштено дека Елизабета Ангелеска Митревска е именувана за заменик-градоначалник на Општина Велес.
Стефани Манева


