Децата во Чашка организираа Велигденски базари, се продаваа украси и традиционална храна (фото)
Објавено: 10 април, 2026, во 12:58 часот
Два Велигденски базари се одржаа во Општина Чашка по повод Велигденските празници. Првиот го организираше градинката „Бамби“ во населба Чашка додека вториот беше во организација на ООУ „Петар Поп Арсов“ во подрачното училиште во село Извор.

Во дворот на детската градинка декориран во духот на Велигденските празници, на тезгите се продаваа голем број на рачно изработени декорации. Додека граѓаните ги купуваа децата приредија програма во која играа, танцуваа и пееја во чест на претстојниот голем христијански празник.

Учениците, родителите и наставниците на ООУ “Петре Поп Арсов” во село Извор заеднички подготвија вкусна храна, рачно изработени украси и празнични производи.

Базарите ги посети и градоначалникот Суат Шакири со вработени во Општина Чашка.

„Децата се наше најголемо богатство. Имав убаво чувство кога видов што се подготвиле нашите најмлади жители во општината на овие две места. Дадов и насока, веќе од годинава ќе продолжиме со вакви организирани настани но на едно место на кое ќе дојдат деца, ученици и нивни родители од останатите населени места во општината. Со продолжување на традициите на мултиетничката локална заедница каква што е општина Чашка ќе го негуваме и продлабочуваме соживотот и взаемното почитување на различната вера на која и припаѓаме и на традициите, рече градоначалникот Суат Шакири.


Собраните финансиски средства од продажбите на украсите и храната ќе им послужат на детската градинка и училиштата за потреби кои им се неопходни во изведувањето на образовната и воспитна дејност.
Убавка Јаневска



