Странски новинари ќе пишуваат за потенцијалите на Тиквешијата!
Ќе ја посетат и областа Флорина во Грција за да го афирмираат туризмот.
Се подготвуваат тренинзите на кои граѓани, угостители и вработени во винарии ќе можат да се едуцираат за поквалитетно презентирање на туристичките потенцијали во регионите Демир Капија во Македонија и Флорина во Грција.
„Во момeнтов се развиваат десет модули за тренинзи кои ќе се одржат во март и април за околното население од македонска и грчка страна односно за сите оние кои се заинтересирани да се вклучат во развојот на туризмот и угостителството. Се подготвува и прирачник за развој на алтернативниот туризам како и пет годишен акционен план за функционирање на центарот. Се надеваме дека за една недела ќе профункционира и веб сајтот на Ценет каде што ќе бидат претставени партнерите кои го реализираат овој проект, како и субјектите од областа на туризмот и угостителството“,рече Виолета Јанкова,советник за туризам во општина Демир Капија.
Според Јанкова,во наредниот период се подготвува и тура за странски новинари на кои ќе им бидат презентирани убавините на Тиквешкиот регион и на регионот Флорина. Тие три дена ќе бидат во Грција и три дена во Македонија. Во рамките на посета на Демир Капија ќе престојуваат во винарски визби, музејот на вино, на ловишта и други интересни знаменитости во регионот.
Едукативниот центар е дел од проектот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција за кои двата региони, Демиркапискиот и на Флорина, обезбедија сретства во висина од 300 илјади евра од европските фондови.