Зголемен бројот на пожари во Демиркаписко и Неготинско!
Лани на подрачјето на двете општини избил 31 пожар повеќе споредено со оломнани.
Територијалната противпожарна единица во Неготино, лани, угаснала вкупно 106 пожари. Тоа е скоро една третина повеќе од пожарите што на териториите на двете општини се случиле во 2011 година.
Според командирот на територијалната противпожарна единица од Неготино, Иле Илиев причините за ваквата состојба треба да се бараат во невниманието на граѓаните кои не ги почитувале правилата за заштита од пожари. Наспроти забраните за палење на оган во шума, фрлање догорчиња како и отстранување и заштита на лесно запаливи материи, демиркапијци и неготинци, најчесто предизвикувале пожари во поле а имало и планински во кои претежно горела сува трева, стрништа и ниско стеблеста шума. Во нив опожарена е вкупна површина од 2720 декари.
Се случиле и пожари во куќи, плевни и шупи, а гореле и помали објекти, оџаци и контејнери со ѓубре. Ланските пожари во демиркаписко и неготинско предизвикале материјална штета во износ од близу 90 илјади евра.
Во гасењето на пожарите освен пожарникарите од територијалната противпожарна единица од Неготино учествувале и пожарникарите на Доброволното друштво за противпожарна заштита од Демир Капија и шумските работници на Јавното претпријатие Македонски шуми, подрачна единица во Демир Капија.