Демир Капија, се промовираше низ археолошкиот потенцијал!

Објавено на 18 јануари, 2013 во 16:28

Научната јавност треба поинтензивно да го истражува непоценливото археолошко богатство на овој простор.

Република Македонија е еден археолошки локалитет и претставува трезор на материјална култура. Демир Капија поседува континуитетот, од праисторија до денешен ден, што му оди во прилог на посебноста на простор, рече Звонимир Будимировиќ на денешната видео презентација „Промоција на Демир Капија во областа на археологијата“. Тој оваа мала македонска општина ја престави низ повеќе развојни епохи, преку легендите врзани за крунисување на првиот македонски крал Пердика и легендата за пајонскиот кнез Пираихме, до историските факти за кои зборуваат над стоте регистрирани археолошки локалитети.

„ Во тој смисол посебноста на Демир Капија е континуитет од три и пол илјади години на овој простор во кој  животот пулсирал со силен интензитет,“ рече Будимировиќ.

Видео презентацијата има за цел да ја подигне свеста за заштита на материјалното културно наследство на жителите на Демир Капија и да го привлече вниманието на научната јавност за поинтензивно истражување на овој простор.

Презентацијата е дел од проектот „Центар за презентација“ кој е финансиран од страна на УСАИД и Мировниот корпус на САД во Македонија во соработка со општина Демир Капија. Проектот треба да го поттикне развојот на туризмот и да ја зголеми свеста за археолошките и природните ресурси на општината.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.