Дисциплински постапки против 11 полициски службеници на СВР Велес по убиството на Росица

Објавено: 26 септември, 2025, во 14:11 часот

Против 11 вработени во Секторот за внатрешни работи (СВР) Велес ќе биде покрената дисциплинска постапка поради тоа што не постапиле целосно и согласно процедурите по дел од пријавите што до велешката полиција ги поднесувала Росица Коцева, која на 15 септември беше убиена од страна на својот поранешен партнер.

Ова денеска го соопшти Министерството за внатрешни работи информирајќи дека по насока на министерот Панче Тошковски, внатрешната контрола при МВР извршила детални проверки во врска со постапувањето на СВР Велес во врска со сите настани кои ги пријавила жртвата.

„Во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, за што била поднесена и кривична пријава против пријавениот, која заврши со условна пресуда во судска постапка. Сепак, внатрешната контрола утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата не било постапено целосно согласно законските обврски и процедурите“, информираа од МВР по спроведената контрола во СВР Велес.

Изминатите денови во јавноста беше споделувана наводна СМС-порака со којашто убиената Росица му ја праќала на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и барала помош, пред неколку месеци, пред трагичниот настан. Министерот категорично демантираше велејќи дека содржината на пораката не е веродостојна.

Убиството на Велешанката Росица Коцева и на нејзиниот татко се случи на 15 септември во семејната куќа во Велес. Двајцата беа убиени од поранешниот партнер на Росица којшто се самоуби.

Инаку, по трагичниот настан во објавено соопштение на Основно јавно Обвинителство Велес пишуваше дека Росица Коцева повеќепати го пријавувала  во полиција поранешниот партнер за различни дела како и дека против него Обвинителството покренало постапки.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.