ДИЗЖС: Водата во „Младост“ е загадена, ризична по здравје на капачи, на риби и севкупен жив свет во езерото
Направен е инспекциски надзор од државни инспектори за заштита на животна средина на сите субјекти и физички лица коишто се присутни на крајбрежјето на велешко езеро. Дел од нив се задолжени да изработат Елаборати за заштита на животна средина. Направен е увид на целиот колекторски систем како и над сите правни и физички лица чии отпадни води се влеваат во овој систем како што се земени анализи од водата на целото езеро. Ова го соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за заштита на животна средина, м-р Сретен Стојковски.
–Во однос на хемиско физичкиот состав на водата во велешко езеро, е од II, III и IV категорија додека во однос на микробиолошките карактеристики е од V и VI категорија. Тоа значи дека водата е со лош квалитет, влијае врз опстанокот на живиот свет во езерото и е опасна по живот врз граѓаните поточно капачите. Затоа водата не смее да се користи. Анализите покажаа и тоа дека покрај работата на дел од колекторскиот систем има фекално загадување предизвикано од луѓето, додаде Стојковски.
Директорот на Државниот инспекторат за заштита на животна средина, исто така, нагласи дека водите од колекторскиот систем без да бидат третирани од „Младост“ завршуваат во река Вардар. Количините кои истекуваат од велешкото езеро дополнително ја загадуваат водата на реката која во дотекот пред Велес досега беше категоризирана во IV категорија. И во неа граѓани не смееја да се капат а не беше препорачана ни за напојување на добиток ниту за наводнување на земјоделски површини.
Сепак м-р Стојчевски не посочи ниту еден податок за тоа чија е одговорноста, има ли законски прекршители, дали некој ќе сноси вина, каква и колкава е предизвиканата штета.
Убавка Јаневска