Доделени новогодишни пакетчиња за дечињата од ПОУ „Маца Овчарова“ од две хумани велешанки
Објавено: 24 декември, 2025, во 15:31 часот
Со многу љубов и хуман гест, беа поделени 45 новогодишни пакетчиња на дечињата од ПОУ „Маца Овчарова“ во Велес. Пакетчињата ги доделија велешанките Јасмина Ѓорѓиева од ресторанот „Сангрија“ и Лорета Гиовска од „Teen Vibe – Велес“, кои уште еднаш покажаа дека малото внимание може да донесе голема радост.

-Денеска насмеавме многу детски лица, ги почувствувавме најискрените желби и прегратки. Тие дечиња се најчистото хумано нешто што постои. Можеби имаат посебни потреби, но искрено се заблагодаруваат и ти возвраќаат со поглед што кажува колку е убав животот. Сакавме да ги израдуваме и да им подариме многу љубов со малку внимание. Им ветивме дека ќе си честитаме и следната година, изјави Јасмина за Дума.мк.

Дополнително, десет од пакетчињата овие две хумани велешанки ги поделија и во Градската библиотека „Гоце Делчев“, продолжувајќи ја мисијата да внесат радост и топлина меѓу најмладите.
Стефани Манева


