Едукација на терен: Велешката полиција со порака до пешаците и возачите

Објавено на 13 јуни, 2025 во 10:33

Под мотото „Не заборавајте сите сме пешаци, бидете одговорни во сообраќајот“, вчера на повеќе локации во Велес беше спроведена сообраќајна превентивно-едукативна активност во организација на Отсекот за превенција при СВР Велес и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес. Акцијата беше насочена кон подигнување на свеста за безбедноста на пешаците, но и на другите учесници во сообраќајот.

Главен акцент беше ставен на пешаците, кои иако често се жртви во сообраќајни незгоди, сепак имаат обврска да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. На граѓаните им беше укажано дека преминувањето на улица треба да се врши исклучиво на обележани пешачки премини, без користење на мобилни телефони или слушалки, а особено да бидат внимателни во вечерните часови и на места со слаба осветленост.

Во рамки на акцијата, едукацијата ја опфати и возачите. Тие беа потсетени на нивната одговорност во сообраќајот, особено кон најранливите категории – пешаците, постарите лица и децата. Ним им беше укажано на потребата од почитување на ограничувањата на брзината и зголемена внимателност во урбаните средини.

-Преку вакви активности, сакаме да ја подигнеме свеста за важноста на сообраќајната култура кај сите учесници, а воедно да ја зајакнеме соработката помеѓу полицијата и граѓаните, изјавија од МВР.

На присутните граѓани им беа поделени едукативни флаери со препораки за безбедно движење во сообраќајот, изработени од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Преку директна комуникација со полицијата, граѓаните добија корисни совети и информации за зголемена лична безбедност во сообраќајот.

Целта на акцијата беше јасна – безбедноста е заедничка одговорност и секој поединец има улога во зачувување на човечки животи на патиштата.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.