„Ековита“ од Неготино ја освои првата награда за зелена бизнис-идеја
Објавено: 29 септември, 2025, во 13:06 часот
Регионалното еколошко друштво „Ековита“ од Неготино освои прво место за најдобра зелена бизнис-идеја на натпреварот „Demo Day“, кој се одржа во Струга во рамки на меѓународната иницијатива „Green Revolution of Youth“.
Како што објасни Кристина Тодорова, претставник на „Ековита“ и дипломиран инженер агроном, наградената идеја се базира на иновативни производи од печурки и локални ресурси, како грозјето – природни богатства карактеристични за Тиквешкиот регион.
– На настанот учествуваа 20 тимови од Македонија и Шпанија, кои ги презентираа своите зелени идеи, но нашата беше препознаена како најиновативна и одржлива. Голема благодарност до „Business Impact Lab“ за менторската поддршка и довербата. Оваа награда е силна мотивација да продолжиме со уште поголема енергија во реализација на нашата визија за позелена иднина, додаде Тодорова.
Наградата која ја доби „Ековита“ вклучува менторска поддршка за изработка на целосен бизнис-план за понатамошен развој на производите, како и насоки за нивно комерцијализирање и вклучување на пазарот. Активностите се кофинансирани од Европската Унија преку програмата „Erasmus+“.
Тодорова нагласи дека ова признание е уште една потврда за квалитетната и континуирана работа на друштвото, кое веќе над 20 години се залага за унапредување на екологијата и одржливиот развој во регионот.
Дума.мк


