(Фото и видео) Отворена сензорна соба во ООУ „Блаже Конески“, место коешто ќе може да го користат сите ученици
Повеќе од шеесет разни реквизити коишто ќе им помогнат на учениците при подобрување на нивната моторика, ќе влијаат благопријатно, стимулирачки и позитивно врз нивниот развојот поседува сензорната соба којашто денеска свечено беше отворена во ООУ „Блаже Коневски“. Оваа соба се наоѓа од десната страна на поливалентниот простор во училиштето, затемнета е и во неа владее пријатна атмосфера.
На денешното свечено отворање, Бранка Џајкоска од фондацијата за образование и културни иницијативи „Чекор по чекор“, рече дека оваа сензорна соба ќе биде поддршка во учењето на учениците со попреченост но и на учениците со типичен развој коишто имаат потреба да го подобрат своето знаење и своите вештини.
Во училиштето запишани се двајца ученици со посебни потреби кои имаат свои образовни асистенти. Директорот на училиштето „Блаже Конески“, Јоваче Манасков, при своето обраќање напомена дека оваа соба, покрај нив ќе може да ја користи секој ученик.
-Сакам посебно да се заблагодарам на фондацијата за образование и културни иницијативи „Чекор по чекор“ како и до Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), до Општина Велес и сите коишто придонесоа за отворање на оваа сензорна соба во нашето училиште. Премногу сум горд и сакам да напоменам дека оваа соба освен што ќе ја користат учениците со попреченост и оние со потешкотии во учењето, ќе може да ја користи секој наш ученик од секоја генерација, додаде Манасков.
Директорката на ОУРЦ „Маца Овчарова“ м-р Мирјана Петрушевска на директорот Манасков му предаде подарок којшто ќе се користи во сензорната соба и напомена дека при работата со учениците секогаш ќе ја имаат нивната поддршка.
Сензорната соба во ова основно училиште е опремена од Фондација за образование и културни иницијативи „Чекор по чекор“ со финансиска поддршка од Германија преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) во рамки на проектот „Социјално вклучување на ранливите групи на Западен Балкан“. Оваа програма ГИЗ ја спроведува во пет општини во Македонија. Во Велес биле опфатени сите основни училиште а избрано било ООУ Блаже Конески.
Стефани Манева