(фото и видео) Славица Петрова, Ружица Петрушевска – Николовска и Снежана Хаџиева најдобри наставнички во Општина Велес
На свечената академија по повод 24 мај, денот на Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, во големата сала на општина Велес, денеска, беа прогласени најуспешните просветни работиници од основните и средни училишта. Жири комисијата за најдобар наставник по одделенска настава од општинските основни училишта ја прогласи Славица Петрова, наставничка во ООУ „Блаже Конески“.
„Славица Петрова, наставничка во ООУ „Блаже Конески“во Велес е долгогодишен истакнат просветен работник кој се одликува со посветеност и професионален однос кон работата и колегите. Таа е амбициозен и мотивиран наставник, со искрен, одговорен и сестран приод кон работните задачи и обврски, организирање на наставниот процес, планирањето и трансферот на знаење. Карактеризирана е и како трудољубива и одговорна наставничка со изразени вештини во комуникацијата. Истовремено секогаш подготвена да се надградува за повисоки достигнувања во подучувањето, воспитувањето и градењето на успешни ученички личности,“ пишува во образложението на жири комисијата.
Признанието најдобар наставник по предметна настава од општинските основни училишта го доби Ружица Петрушевска Николовска наставничка во ООУ „Блаже Конески“.
„Петрушевска Николовска е дипломиран професор по биологија, со седум годишен работен ангажман во училиштето, заменик претседател на Природно математичкиот актив на наставници, тимски работник и посветен учител. Во воспитно образовната работа применува иновативни наставни методи, форми и техники и современи средства за комуникација за образовни цели во реализација на наставата. Со нејзината амбициозност, позитивниот став и иницијативност умее да формира трајни применливи знаења. Николовска е омилен наставник, добар соработник кој се одликува со изразена професионална ориентација и неизоставна примена на инклузивни практики,“ стои во образложението на жири комисијата.
Жири комисијата наградата за најдобар наставник во средното образование ја додели на Снежана Хаџиева, наставник во средното стручно општинско училиште „Димитрија Чуповски“.
„Хаџиева дипломирала на Природно-математички факултет, на групата хемија, на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Таа работи како професор по хемија и предава стручни предмети во ССОУ Димитрија Чуповски, Велес од 1990 година. Во текот на досегашниот работен стаж, Снежана, се потврдува како дел од наставниците кои активно работат на секое поле во ова училиште. Како учесник на натпревари од различен карактер успешно го претставува и афирмира училиштето и Општина Велес со освојување на повеќе награди на општинско, регионално и
државно ниво. Работи како ментор на различни истражувања во хемијата и остварува високи резултати. За тоа сведочат големиот број освоени награди на општински, регионални и државни натпревари,“ образложува жири комисијата.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, им ги врачи наградите а потоа нивните ученици на сцена им врачија букети со свежо цвеќе и пред многубројната публика им се заблагодарија за нивната посветеност кон нив.
Во продолжение со силни емоции се обратија и наградените наставнички.
Стефани Манева