(фото и видео) Велес, Чашка и Лозово обединети во спортскиот дух: „Спорт за сите деца – од градинка до матуранти“
Објавено: 24 септември, 2025, во 13:38 часот
Учениците од сите средни и основни училишта од градот, како и најмалите од градинките, денеска беа дел од големиот општински спортски настан „Спорт за сите деца – од градинка до матуранти“, организиран од Сојузот на училишен спорт – Велес и поддржан од Општина Велес. Спортските игри се одржаа на неколку локации низ градот со учество на деца од Велес, Чашка и Лозово.

Поточно, во периодот од 10 до 14 часот, во училишните спортски сали како и на надворешните терени „Панче Кумбев“ и ракометното игралиште во градскиот парк, се одвиваа натпревари и активности од различни спортски дисциплини. Учениците се натпреваруваа во кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, шах, футсал и спортски игри прилагодени за учениците од одделенска настава и децата од градинките.

Во настанот беа вклучени градинката „Димче Мирчев“, ООУ „Блаже Конески“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ООУ „Васил Главинов“, ООУ „Панко Брашнаров“, како и средните училишта, СОУ „Гимназија Кочо Рацин“, ССОУ „Димитрија Чуповски“ и ДСУРЦСОО „Коле Неделковски“.

Во видео изјава за Дума.мк, Илија Попов претседател на сојузот на училишен спорт објасни дека овој настан е организиран во рамки на Европската недела на спортот.
Настанот има за цел да ги поттикне децата и младите на физичка активност, да ја промовира употребата на спортските капацитети во училиштата и да ја нагласи важноста на спортот како инвестиција во здравата иднина на младите генерации.

Со масовна вклученост на наставници, координатори и ученици, денешниот спортски настан претставува пример за заедништво, поддршка и создавање здрави навики преку спортот.
Стефани Манева


