(фото) Книга со божиќни песни – ученици од Велес испратија новогодишен подарок до децата од дијаспората во Австралија
Објавено: 10 декември, 2025, во 15:10 часот
Учениците од Велес испратија посебен новогодишен подарок до своите другарчиња од македонската дијаспора во Австралија, книга со новогодишни и божиќни песни. Книгата насловена „Новогодишна и божиќна магија“ којашто денеска во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во новогодишна атмосфера беше промовирана е во издание на Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес, во соработка со збратименото здружение Македонско литературно друштво со исто име.

Целта на овој проект е децата во Австралија да го негуваат македонскиот јазик и да имаат достапна литература на својот роден јазик, што во моментов е ограничено. Книгата ги обединува творештвата на над 30 млади автори од Велес, Лозово, Чашка и Богомила, како и на македонските деца од Австралија и содржи цртежи од најмладите автори од дијаспората.

-Ова е еден вид подарок за дечињата од Австралија коишто го изучуваат македонскиот јазик. На тој начин поттикнуваме зачувување на нашиот јазик помеѓу иселениците, бидејќи тие имаат ограничена литература за деца. Испечативме голем број книги благодарение на спонзорите од Велес, а претходно испративме и пакет со детска литература кој беше воодушевувачки прифатен. Се надеваме дека оваа пракса ќе продолжи и ќе стане традиција, изјави Лили Арсовска, претседателка на Клубот на писатели.


Иницијативата за ова издание ја покренаа велешанката Соња Гаврилова којашто е уредник на книгата и Гордана Димовска од Мелбурн, Австралија.
-Основната цел е негување и развивање на поетското творештво кај учениците и поттикнување на љубовта кон пишувањето и читањето на родниот мајчин јазик. Со стихови нанижани како „бисерен гердан“, младите автори, заедно со возрасните поети, создаваат новогодишната и божиќната магија да биде уште повозбудлива и поблиска до светот, истакна Гаврилова.


-Оваа книга е волшебна приказна што ги води младите читатели во свет преполн со радост, чудење и празнична магија. Подгответе се за едно патување низ прекрасните песни, заеднички создадени од рацете на самите деца, но и од возрасни писатели. Новогодишната и божиќна тематика е токму она што им треба за да ја разгорат имагинацијата и духот на сезоната, додаде Димовска.

Рецензентката на книгата, М-р Ели Маказлиева, пред присутните изјави дека песните пренесуваат магија, радост, поттикнуваат љубезност, дарежливост но и ја развиваат љубовта кон родниот јазик, создавајќи неповторливо празнично искуство за мали и големи.

-Во книгата се сместени триесетина песни и цртежи од деца и десетина песни од возрасни, создавајќи вистинско заедништво меѓу авторите од Македонија и Австралија. Песните исто така служат како моќни алатки за учење на значајни вредности како што се дарежливоста, емпатијата и радоста од дарувањето што младите читатели лесно ги апсорбираат, додаде Маказлиева.



На настанот присутните млади автори прочитаа дел од песните, а програмата беше збогатена со музички настапи на учениците од музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес.
Стефани Манева


