(фото) Општина Чашка е пет пати почиста од лани: Успешна акција во рамки на „Генералка викенд 2025“

„Општина Чашка е пет пати почиста споредбено со минатата година“, информираат од Јавното комунално претпријатие „Тополка“, кое во рамки на акцијата „Генералка викенд 2025“ собра само еден трактор со смет од територијата на целата општина – што е за два трактори помалку од лани. Оттаму велат дека ова е директен показател дека Чашка и покрај големата територија останува еколошки здрава и чиста средина.

-Горди сме што од година во година ја одржуваме Чашка чиста и еколошки одговорна. Овој пат евидентиравме пет пати помалку пластичен отпад во споредба со 2024 година. Ова ни дава поттик и понатаму да не отстапуваме од примерот на здрава животна средина, велат од ЈКП „Тополка“.

Општина Чашка денеска активно се приклучи кон националната еколошка акција „Генералка викенд 2025“ со учество на сите месни заедници кои се дел од оваа локална самоуправа.

Во акцијата учество земаа вработените од ЈПВ „Лисиче“, ЈКП „Тополка“, наставници, ученици и вработени од основните училишта „Тодор Јанев“ од Чашка и Мелница, „Петар Поп Арсов“ од Богомила и Извор, како и најмладите од детската градинка „Бамби“. Поддршка дадоа и „Велешките акцијаши“, Акцијаши ветерани, како и месното население од сите села, кои заедно ги чистеа определените локации, собирајќи отпад и разубавувајќи ја животната средина.

Акцијата е поддржана од Владата на Република Северна Македонија, која обезбедува по една садница за секои 10 килограми собран отпад што е поттик за пошумување и дополнително екосвесно однесување.

„Генералка викенд 2025“ започна денеска и ќе трае до 11 мај, а се очекува вклучување на над 20.000 волонтери од целата држава.
Стефани Манева
Фото галерија:







