(фото) Поделени 850 топли оброци, 100 пакетчиња и подароци пред гостилницата „Боем“ за Св. Никола
Објавено: 19 декември, 2025, во 13:08 часот
Пред гостилницата „Боем“, денеска не се делеше само храна, се делеше и човечност, празнична топлина и надеж дека добрината секогаш наоѓа пат до секого. Голем број велешани, меѓу кои семејства, повозрасни лица како и најмлади дечиња, беа дел од големата хуманитарна акција која по шести пат, по повод празникот Св. Никола ја организира оваа велешка гостилница заедно со здружението „Нула гладни во Велес“.

Во духот на заедништвото и солидарноста, беа поделени вкупно 850 топли оброци. Волонтерите на велешки Црвен крст, со несебична посветеност, пакуваа по две кутии ручек и по две лепчиња, кои им ги поделија на сите граѓани што дојдоа да добијат топол оброк, но и искрена поддршка и внимание во духот на солидарноста.

Посебна радост донесе Веселиот Дедо Мраз, кој со полни раце подароци ги израдува најмладите. Поделени беа 100 новогодишни пакетчиња, многу бомбони, играчки, тротинет, се што е доволно за детските очи да заблескаат, а насмевките да станат најубавиот украс на настанот.


За празничното чувство да биде целосно, на присутните им беше понудено и греано вино со цимет кое ја затопли атмосферата.

Задоволни граѓани, насмеани лица и полни раце, тоа беше сликата од оваа хуманитарна средба што уште еднаш покажа дека Велес има големо срце.
Стефани Манева
фото:









