(фото) Поставено хуманитарно катче во кое велешани може да остават или да земат храна и хигиенски средства
Волонтерите на велешки Црвен крст во Велес поставија „хуманитарно катче“ во коешто граѓаните може да оставаат или пак да земаат храна доколку им е потребно. Како што велат од Црвен крст оваа иницијатива е наменета за да го засили чувството на еднаквост и да се помогне на оние граѓани на коишто им е најпотребно.
-Во рамките на програмата ЦКА – ПХВ, Црвен крст во акција промоција на хумани вредности, младинците поставија хуманитарно катче во близина на Жито маркетот кај Гимназијата. Во суштина, “Хуманитарното катче” е мало, отворено шкафче за сите видови на основни потреби – од храна и хигиена. Оваа шкафче е отворено за секој. Без разлика дали ви треба или сте во можност да дадете, тоа е тука за вас, додаваат од велешки Црвен крст.
Исто така, волонтерите објаснуваат дека ова катче функционира едноставно, се што треба да се направи е да се остават нерасипливи прехранбени производи или хигиенски средства, а оние граѓани коишто имаат потреба да ги земат.
Оттаму едногласно порачуваат до велешани да се приклучат на оваа иновативна заедничка иницијатива и да се прошири добрината и солидарноста помеѓу сограѓаните.
Стефани Манева