(фото) Велигденски базар: ракотворби, креативност и традиција во срцето на Младинскиот парк

Објавено на 15 април, 2025 во 12:11

Веќе четири дена Младинскиот парк во Велес пулсира во боите, мирисите и духот на Велигден, благодарение на Велигденскиот базар којшто е организиран од страна на општината во пресрет на големиот христијански празник. Базарот ги собра на едно место талентираните ракотворци од градот кои со многу љубов и посветеност изработиле уникатни производи што сега им ги нудат на граѓаните.

На повеќе од 10 тезги може да се најдат најразновидни рачно изработени предмети – од велигденски свеќи, корпи за јајца, украсни јајца и сликовити украси во форма на зајчиња, па сè до фино изработен накит и плетени зајчиња. Секоја креација е плод на креативноста и трудот на локалните ракотворци, кои слободното време го посветиле на создавање уметност и традиција, споени во едно.

Дума.мк го посети Велигденскиот базар а насмеаните ракотворци објаснија дека се задоволни од досегашната посетеност од страна на велешани. Според нив најголем број посетители има на поручек, по 15:00 часот, кога завршуваат работните обврски, тогаш паркот се полни со семејства, млади и постари граѓани, кои со интерес разгледуваат, купуваат и ги поддржуваат.

Ракотворците од градот кои на ден и повеќе од 8 часа остануваат во паркот за да ги нудат своите уникатни производи велат дека посебно чувство на убавина им буди кога децата со љубопитност ги разгледуваат рачноизработените украси.

Велигденскиот базар во Велес беше отворен на 12 април а ќе биде поставен до утре, 16 април. Велешани можат да го посетат Младинскиот парк, да пронајдат оригинални украси и подароци но и да ја почуствуваат топлата атмосфера и празничното расположение кое се шири низ велешкиот парк.

Стефани Манева

фото:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.