Функционира бесплатната автобуска линија Велес – езеро „Младост“

Точно во 10:06 часот на плоштад С’рмаале пристигна автобусот што секојдневно сообраќа на релацијата Велес – езеро „Младост“. На постојката под јаворот на плоштад, немаше патници затоа продолжи кон следната попатна станица. Од надвор како што забележавме, имаше мал број на патници. Но тоа не било така секој ден, во различни денови различен е бројот на патници. Најавите дека во денешниот ден во попладневните часови се очекува промена на времето, зголемена облачност, локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер ги поколебаа граѓаните да го поминат на брегот на езеро „Младост“ и да се разладуваат во езерската вода.

Автобусот што бесплатно сообраќа до Езеро „Младост“ тргнува од автобуската постојка „Багремче“ во населба „Тунел“, потоа продолжува кон постојка Трговски центар, постојка спроти маркет „Жито“ на улица „Благој Ѓорев“, потоа постојка спроти Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, постојка „С’рмаале“ кај јаворот, на улица „8 Септември, постојка „Центар“ НА-МА, постојка населба „Речани“ и Брод „Панини“ езеро „Младост“ .
Автобусот поаѓа во 10:00 часот а враќањето од езеро „Младост“ е во 18:00 часот од паркингот кај бродот „Панини“. Во случај на лоши временски услови автобусот не сообраќа.

Исто така, капацитетите на плажите, летниковците и ново изградените клупи покрај брегот на велешко езеро секојдневно се преполни со капачи и граѓани коишто се разладуваат од високите температури. Впечаток е дека недостасуваат сенките од шумата што изгоре на „Младост“ како и потреба од поголем број на дрвја под чиишто крошни може да се седи во текот на денот.
Стефани Манева
