„Генералка викенд 2025“: Шест м3 отпад и смет собрани од улица „Павел Шатев“ и околу Градска депонија за шут во Велес (фото)

Вработени во Општина Велес, на Јавно комунално претпријатие „Дервен“, волонтерите на ЗГ „Акцијаш ветерани“ и на велешки Црвен крст, денеска, беа волонтери со учество во еколошката акција „Викенд генералка 2025“ во Велес. Ниту еден граѓанин којшто живее на улица „Павел Шатев“ или околу Градска депонија за шут не излезе од домот и не се вклучи во акцијата на волонтерите.


Механизацијата составена од по еден липкер и булдужер како и два тримери што ги вклучи градското комунално претпријатие им беа од голема помош, во собирањето на сметот и отпадот, на волонтерите. Бројката од 50 учесници успеа да собере се што беше расфрлано на улицата и околу депонијата.


-Собрани се 6 м3 отпад и смет или два трактори. Сите учесници во акцијата беа на висина на задачата да го исчистат од смет родниот град а со тоа и Македонија. Станува збор за национална акција „Генералка викенд 2025“ која придонесува како во Велес така и во државата да се собере што повеќе отпад и смет како и да се заштити животната средина. Исто така, детската градинка, четирите основни и средни училишта се вклучија во акцијата со собирање на отпад и уредување на дворните места, рече Рајна Наунчев координаторка на еколошката акција во Општина Велес.





Најмотивираните велешани, кои денеска излегоа и чистеа, се пример за сите граѓани кои живеат во градот и на територијата на Општина Велес.
Еколошката акција „Генералка викенд” ја организираат граѓанската организација „Мен енд Маунтен” со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЗЕЛС, Црвен крст, Пивара, Пакомак, Шпаркасе МК, Нула отпад, Бучим, Макстил, ЕВН и Костал.

Акцијата е поддржана и од Владата којашто за секои 10 килограми собран отпад донира по една садница за пошумување.
Убавка Јаневска
