Градоначалник Колев: Нема да потпишам Б интегрирана дозвола со „дробење и мелење на троската од топилничарската депонија“ на Кепс Моунт груп
Концесионерот на депонијата со топилничарска троска, Кепс моунт груп, нема да добие Б интегрирана дозвола од Општина Велес за поставување на инсталација со која веднаш до огромниот црн рид со еден милион и 800 илјади тони складирана троска ќе врши процес на дробење и мелење пред да ја товара и изнесува техногено минералната суровина од втората помеѓу 14 најжешки еколошки точки во државата. Ова на 46 седница на Советот на Општина Велес, која е во тек, само што го соопшти градоначалникот Марко Колев.
-Врз основа на ова Барање постапивме сериозно и консултиравме голем број на експерти , консултирав и експерти од Велес и од Македонија како и експерти од странство којшто подолг временски период работат на оваа проблематика. Тоа што го кажа почитуваниот експерт Бошко Ников е така дека грешката е направена многу одамна и грешката мислам дека треба да ја исправиме односно третманот на троската да биде по примерот на третман на линданот во Охис. И многу други експерти кои имаат сомнеж дека дополнителните работи кои ги бараат Кепс моунт груп со процесите на дробење и мелење ќе се наруѓи животната средина и дел од прашината ќе влезе во Велес а тоа не е добро за никој од нас. Врз основа на сите мои анализи јас како градоначалник под овие околности нема да потпишам Б интегрирана дозвола, рече Колев.
Градоначалникот исто така пред членовите на Совет на Општина Велес образложи дека на 1 септември 2023 година, Општина Велес, добила барање од Кепс моунт груп за издавање на Б интегрирана дозвола со која што покрај ископ, сеење, утовар и транспорт се бараат уште две работи дробење и мелење преку поставување на инсталација на локација Баш Колиби поточно веднаш под ридот со троска, позади поранешна Топилница за олово и цинк . Колев додаде дека заедно со барањето Кепс моунд груп доставил и неколку документи. Првиот бил Анекс на Договор, склучен на 26 јуни 2022 година, со Владата со кој се проширувал опфатот на концесијата за новата постројка со временски период до 19 јуни 2026 година како и Решение од Министерство за животна средина и просторно планирање за одобрување на Елаборат за заштита на животната средина за проектот во кој пишувало и „ поставување на Постројка за дополнителни активности, дробење и мелење на локацијата“ потпишано на 31 мај 2023 година од министер Каја Шукова со што било дадено позитивно мислење. Во Општина Велес со Барањето за Б интегрирана дозвола исто така биле доставени и документи како што е Дозвола за изведување на рударски работи, за дополнување на проектот од 19 септември 2023 година.
Потоа Колев им се обрати на советниците од советничка група на СДСМ со коалициските партнери, кои на денешната седница се облечени во бели маици со натпис „Топилница никогаш повеќе“ и побара од нив да ги проверат сите постапки во кои биле донесени документите од страна на Влада и министерства.
Четириесет и шестата седница на Советот на Општина Велес е во тек. Претходно, пред ставот на Колев, на советниците им се обратија и спорниот дел од реализацијата на процесот на третирање на троската го образложија менаџерот на компанијата Кепс монт груп, Милан Шчекиќ како и економскиот менаџер Бранко Радевски. Свое мислење даде и експертот д-р Бошко Ников кој смета дека грешката била направена во 2016 година кога троската од велешка топилничарска депонија наместо како опасен отпад добила третман на техногена минерална суровина.
Убавка Јаневска