Градоначалник Шакири: Изгаснат е пожарот кај село Војница, апелирам до граѓаните на голема претпазливост
Објавено: 16 јуни, 2026, во 20:06 часот
По скоро целодневна борба со запалениот пожар на отворен простор, во непосредна близина на Казнено-поправната установа Велес – кај Долно Оризари, 10 пожарникари со 3 противпожарни возила, доброволците од ДПД „Бабуна“, 10 вработени од ЈКП „Тополка“ – Чашка, како и вработени од Шумското стопанство „Бабуна“ – Велес доцна попладнево го ставија под контрола а потоа и го изгаснаа пожарот кој стигна до атар на село Војница. Во гаснењето на огнот помогна и гаснењето од воздух кое што го овозможи ер тракторот на Дирекција за заштита и спасување.

-Пожарот изгаснат е околу 18:00 часот со несебичниот ангажман на сите учесници во гаснењето. Сакам да се заблагодарам на брзата реакција, да кажам дека денеска имавме добра координација со сите учесници од двете општини Велес и Чашка како и со Дирекцијата за заштита и спасување која во критичниот момент одговори на барањео за испраќање на ер трактор. Користам прилика да апелирам до сите граѓани, независно дали се жители на едната или другата општина да бидат претпазливи и да не бидат причинители на пожари, рече градоначалникот Шакири.

Инаку според последниот дневен извештај на Центар за управување со кризи, во 18:00 часот, во Македонија имало вкупно 14 пожари на отворен простор. Од нив, 5 активни пожари, 2 ставени под контрола и 7 целосно изгаснати.
Убавка Јаневска


