Граѓаните бараат а МВР не конкретизира кога ќе ги подобри условите за вадење лични документи во Велес

Објавено на 20 јуни, 2022 во 15:59

Фото: Дел од салата на Одделението за граѓански работи при СВР Велес

Граѓаните чекаат во простор од околу 5 м2 додека во едвај од по 2,5м2 работат службениците во Одделението за граѓански работи на Секторот за внатрешни работи Велес. Првите од вторите се одделени со отворени шалтери на кои се поставени формуларите за вадење на нови лични карти, возачки дозволи и пасоши. И додека едни доаѓаат на закажан термин, пополнуваат формулари, чекаат ред и се фотографираат други граѓани ги подигнуваат новите лични документи. Во овој дел, поточно сала од објектот во зграда до Територијалната противпожарна единица, секојдневно доаѓаат и заминуваат десетици граѓани. Нивниот впечаток е дека просторот е претесен за во него, во една смена, да има шест до осум вработени, кои издаваат услуги уште десетици граѓани.


Фото: Дел од салата на Одделението за граѓански работи при СВР Велес

-Не е едноставно да чекаш, во вака тесен простор, за постапка која службениците реално ја завршуваат за пет минути. Мислам дека е претесно. Едни доаѓаме по документи други чекаат, пополнуваат формулари или  се фотографираат. Можам да замислам како ќе биде во лето, рече граѓанин.

 -Ние доаѓаме и заминуваме. Вработениве како издржуваат? Освен столчето и бирото тие немаат друг простор затоа што позади службениците на шалтерите погледнете колку шкафови има и уште стотици документи во кластери од земја до таван. Гледав како ги скокаат за да дојдат до столчето, да седнат и да работат, рече граѓанин.

-Јас сум иселеник и знам како е во Швајцарија. Глеткава што тука ја гледам е хаотична. Таков впечаток остава на мене. Гледам само побрзо да завршам со работа и да си одам. И не ми е јасно зошто ако има на пример полициска станица во Чашка а јас сум од населено место во таа општина морам да доаѓам до Велес. И има целосно реконструирана полициска станица во Чашка, додаде граѓанин.


Фото: Дел од салата на Одделението за граѓански работи при СВР Велес

Тесниот простор секако дека им ја отежнува работата на службениците. Не им е лесно ниту на граѓаните кои дополнително сметаат дека овој вид на услуги полициската станица во Велес треба да го издава не само во поширок простор туку и во објект што ќе се наоѓа во нејзина близина.

Дума.мк го прашаше Министерството за внатрешни работи кога ќе ги подобри условите за издавање на лични документи на граѓаните од Велес, од Градско и од Чашка и дали ќе превземе чекори  за обезбедување на по достапен и просторно поширок објект, на локација, поблиску до граѓаните во Велес?

„Во рамки на Министерството за внатрешни работи од 2017 година започна со реализација проект за целосно реконструирање и санација на објектите во сопственост и владение на организационите единици при МВР а во насока на надминување на тогаш затекнатите неповолни материјално-технички услови за работа на полициските и други служби. До денес, во текот на изминативе неколку години, целосно реконструирани или санирани се речиси осумдесетина објекти, а министерството планира до 2025 година целосно да ја реализира оваа проектна активност со сите објекти кои што не ги задоволуваат стандардите за нормално и непречено функционирање. Во тој смисол евидентирана е и состојба со објектот, односно просторот на Одделението за граѓански работи при СВР Велес,“ одговорија од министерството.


Фото: Дел од салата на Одделението за граѓански работи при СВР Велес

Ваквиот одговор на министерството не остава впечаток дека во скоро време состојбата во овој објект на СВР Велес ќе се подобри. Исто така и дека граѓаните ќе можат да очекуваат, наместо нови возачки дозволи, лични карти и пасоши да добиваат на  периферијата на градот, тоа да се случува на половина пат, ако не во, тогаш барем во близина на зградата на СВР Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.