„Хармонија на промени“ – настан кој ги поврзува знаењето, личниот развој и благосостојбата
Објавено: 4 мај, 2026, во 11:04 часот
Во време на постојани промени, способноста да се прилагодуваме, да учиме и да растеме станува една од клучните животни вештини. Токму оваа идеја стои зад инспиративнo едукативниот настан „ХАРМОНИЈА НА ПРОМЕНИ – доживотно учење, личен развој и благосостојба“, кој ќе се одржи на 16 мај 2026 година во Castello by Allikas, Скопје, со почеток во 12:00 часот.
Насловот порачува дека промените не мора да бидат извор на стрес, туку можност за раст и развој. „Хармонија на промени“ значи баланс помеѓу внатрешните потреби и надворешните предизвици, преку свесност, учење и лична трансформација. Доживотното учење е континуиран процес што води кон личен развој и благосостојба – стабилност, исполнетост и поврзаност со себе и со другите.
Организатор на настанот е ИН Асоцијација Скопје – верифицирано здружение за едукации и консултации, активно во областа на неформалното образование и личниот развој. Нивната мисија е да поттикнуваат личен и професионален раст преку современи, интерактивни и практично ориентирани програми и предавања. Во рамки на своето работење, ИН Асоцијација нуди сертифицирани обуки за возрасни, меѓу кои „Развивање вештини за емоционална интелигенција“ и „Обучувач за возрасни“, со што учесниците стекнуваат релевантни компетенции за личен развој, но и можности за понатамошна ангажираност во неформалното образование.
Во изминатите две години, ИН Асоцијација реализираше повеќе од триесет едукативни предавања и обуки во организации, училишта и градинки, опфаќајќи теми како емоционална интелигенција, превенција на насилство, инклузивност и ментално здравје.

Со својата работа, ИН Асоцијација значајно придонесува кон јакнење на компетенциите кај возрасните, следејќи ги современите образовни стандарди и општествени потреби.
Настанот „ХАРМОНИЈА НА ПРОМЕНИ“ претставува можност за сите заинтересирани да направат чекор за поголема грижа за себе – кон поголема свесност, личен развој и внатрешна рамнотежа. Во атмосфера на инспирација и поврзување, учесниците ќе имаат можност да изградат нови перспективи за личен и професионален напредок.
Целта на настанот е да ја истакне важноста на доживотното учење како форма на грижа за себе и начин за полесно справување со промените од сите аспекти. Преку пристап од повеќе аспекти, настанот обединува професионалци од различни области и создава простор за размена на знаење, искуства и професионални перспективи.
Во рамки на програмата ќе се одржат кратки стручни излагања од универзитетски професори и експерти од областа на психологијата, менаџментот и медицината. Меѓу учесниците се проф. д-р Диана Белевска, доц. д-р Вангелица Гаврилова, проф. д-р Ана Чучкова, проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, проф. д-р Еленица Софијанова, ас. д-р Билјана Гагачовска и проф. д-р Ѓорѓина Ќимова.
Настанот ќе понуди освен инспиративни тематски излагања, свечено доделување сертификати за успешно завршените програми, како и неформален дел со музика (DJ), дегустација на вина и можности за вмрежување. Овој сегмент е осмислен како простор за создавање нови професионални контакти и поттикнување соработка.
Настанот е бесплатен и отворен за сите кои се заинтересирани за личен развој, како и за едукатори, студенти, претставници од бизнис секторот. Бројот на места е ограничен, а пријавувањето се врши преку ИН Асоцијација.
📧[email protected]
🌐 www.inasocijacija.mk
Дума.мк

