И без осветлување, велешани навечер се на брегот на езеро „Младост“, од општината најавија отстранување на дефектот

Објавено на 20 јули, 2022 во 12:08
Фото: Езеро „Младост“ со прва плажа и пешачка патека на која има дефект на осветлување

Во услови на изгор лето граѓаните во вечерните и ноќни часови ги полнат првата плажа, клупите како и летниковците на пешачката патека на езеро „Младост“. На овој дел на брегот на езерото не може да се најде слободно место. Но, граѓаните седат во темнина затоашто не работи осветлувањето на пешачката патека, покрај езерскиот брег. Смарт светилките поставени на електричните столбови, го осветлуваат паркингот но не работат навечер и ноќе на пешачката патека. Овој вид на светилки, треба да се полнат од сончевата светлина во текот на денот, за да осветлува во текот на ноќните часови. Но деновиве не е така.

Граѓани кои викендов седеа во вечерните часови во овој дел на езерскиот брег тврдеа дека осветлување нема од почетокот на летната сезона за разлика од паркинг просторот и улицата која води кон Инклузивното игралиште и Паркот на авантури на езеро „Младост“. Тие просторот којшто го користеа го осветлуваа со мобилни телефони и батериски ламби. Како потврда на нивната констатација за дефект ни посочија дека не работат и смарт клупите кои ги користат за полнење на мобилните телефони и побараа Општина Велес да го отстрани дефектот.

Дума.мк ја прашаше Општина Велес дали се точни сомнежите на велешани дека има проблем со осветлувањето во овој дел од брегот на езеро „Младост“.

Во писмениот одговор од општината напишаа дека проблем има и дека ќе работат на негово отстранување.

„На потегот од првата плажа до хотел „Глориус“  екипите на изведувачот, кој го изведувал проектот „Смарт езеро Младост“ како и на економскиот оператор кој го одржува јавното осветлување утврдија дефект и се работи на негово отстранување. Исто така, на езерскиот брег, од спротивната страна, каде се протега пешачката патека се планира нејзина реконструкција и при тоа се предвидува и нејзино осветлување,“ пишува Општина Велес во одговорот на новинарските прашања на Дума.мк.

Иако во одговорот на општината нема точно прецизиран рок во кој дефектот ќе биде отстранет од таму во телефонска комуникација најавија дека возможно било дефектот да биде отстранет пред претстојниот викенд за кога се најавува покачување на температурите и над 40 степени целзиусови.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.