ИН МЕМОРИАМ: Димитар Гаврилов Митко, младински активист, бригадир и велешки акцијаш-ветеран
На седумдесет годишна возраст, по кратко боледување, денеска, во Велес почина Димитар Гаврилов – Митко пензиониран работник на Народен Музеј Велес, поранешен професор по биологија во Гимназија „Кочо Рацин“, поранешен младински активист, бригадир, командант на Младинска работна бригада и сегашен акцијаш ветеран на Здружението „Акцијаш – ветерани“ Велес.
Димитар Гаврилов – Митко беше младински активист на поранешната Општинска организација на Сојуз на социјалистичка младина на Титов Велес. Исто така беше активен и во основна младинска организација во Месна заедница „9 Ноември“. Мите беше учесник на младински работни акции. Беше Командант на Младинската работна бригада „Лозар“ на Локалната работна акција „Теово 1979“ а беше и Командир на чета на МРА „Ѓердап 1977“ во МРБ „Тито – Титови градови“.
По формирањето на граѓанското здружение „Акцијаш –ветерани“ Велес, Димитар Гаврилов – Митко, активно се вклучи во изведување на волонтерските акции за пошумување и за чистење од смет на бреговите на езеро „Младост“, на Спомен костурница како и во останатите што ги организираше здружението. Болеста не го спречуваше да биде дел од организираните активности со кои несебично даваше придонес во доброволниот граѓански ангажман за почист, поубав, поуреден Велес или езеро „Младост“ исто како што во младоста учествуваше во изградба на витални објекти во поранешната држава, Југославија.
Посмртните останки на Димитар Гаврилов – Митко ќе бидат изложени утре, сабота, 24 август во 12:00 часот во црква „Свети Спас“ додека погребувањето ќе се одржи во 12:30 часот.
Во допис, во кој го изразија своето сочувство до семејството на Димитар Гаврилов, од Здружението на граѓани „Акцијаш – ветерани“, напишаа јавно збогување со традиционалниот, овој пат, последен бригадирски поздрав: „З-Д-Р-А-В-О!“ – Слава му, нека почива во мир!
Дума.мк