ИН МЕМОРИАМ: Ѓоко Манчев 1943 – 2025
Објавено: 25 декември, 2025, во 09:47 часот
На 82 годишна возраст и по кратко боледување, вчера утро, во Велес, почина Ѓоко Манчев – познат општествено политички работник во градот од времето на поранешнот општествен систем.
Манчев имаше голема и значајна улога во развојот на Велес од почетокот на седумдесетите години на минатиот век. Освен повеќето политички функции во градот, меѓу кои најзначајна е Потпретседател на Собранието на Општина Титов Велес, тој беше и пратеник во Собрание на Република Македонија.
Манчев и припаѓа на генерацијата на велешки општествено политички работници во чие време во градот се планираше и реализираше значаен економски, стопански, спортски, образовен, здравствен и културен развој. Од значајните капитални објекти коишто Велес ги доби во негово време, 80-сетите години на минатиот век, се повеќето спортски сали меѓу кои е Спортска сала „25 Мај“ потоа преименувана во „Ѓемиџии“, како и најзначајниот или почетокот на изградбата на хидросистемот „Лисиче“ со којшто граѓаните на Велес обезбедени се со доволни количини на здрава вода за пиење. Манчев ја извршуваше и функцијата директор на велешката Метална индустрија „Брако“.
Од времето на младоста, Ѓоко Манчев, беше посветен на доброволната младинска работа. Тој беше командант на бројни Младински работни бригади, меѓу кои и на Сојузната „Титови градови“, чии бригадири – акцијаши учествуваа во изградба на значајни инфраструктурни објекти како што беа патишта, водоводни системи и објекти како во тогашна Република Македонија така и во тогашната држава, Југославија. Манчев беше поддржувач и на ветераните акцијаши се до последните денови од неговиот живот.
Ѓоко Манчев беше сопруг, татко на две деца и дедо на четири внуци. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени, денеска, четврток – 25 декември, во 12:00 часот во црква „Свети Спас“ додека погребувањето ќе се одржи во 12:30 часот.
Вечна слава Ѓоко Манчев и искрено сочувство до семејството.
Дума.мк
