ИН МЕМОРИАМ: М-р Никола Михајловски (Влавчето) 1944 – 2026

Објавено: 17 мај, 2026, во 11:12 часот

Во Велес, вчера, на 82- годишна возраст почина Никола Михајловски – Влавчето, магистер на ветеринарни науки, познат ветеринарен лекар, граѓанин на Велес и боем.

М-р Михајловски беше роден на 1 јануари 1944 година во село Софилари крај Штип. Основно училиште завршил во Штип додека средно ветеринарно училиште во Битола. Тој е дипломец на Факултетот за ветерина во Сараево, во 80-тите години на минатиот век, додека магистер на Ветеринарни науки беше од 2001 година.

Иако родум од Штип, дел од својот работен век, д-р Михајловски го помина во Босна и Херцеговина и во Србија. Во Босна и Херцеговина како млад лекар го добива првото работно место во Ветеринарна станица во Високо и ја запознава својата животна сопатничка за потоа да биде примен на работа и во Ветеринарна станица во Ливно. Неговата професионална љубов, поточно благосостојбата на животните, исто така, му го трасира животниот и професионалниот пат кон Велика Плана во Србија.

Како искусен лекар ветеринар, д-р Михајловски се враќа во Македонија каде посвети најголем дел од својот работен век. Прво работеше во ЗИК „Овче Поле“ кај Свети Николе, потоа во Краварска фарма „Петровец“ а ја извршуваше и функцијата раководител на Свињарска  фарма „Градско“.

Пред 26 години во Велес, каде живееше од моментот на враќање во Македонија се до последниот ден на својот живот, отвари сопствена веледрогерија „Ветерина Промет“, Во веледрогеријата го заврши работниот век и како претставник на германските фирми за лекови „Бремен Фарма“ и „Фајзер“ за Македонија. М-р Михајловски како пензионер беше судски вештак од областа на ветерината.

Во Велес, во родниот Штип и во голем број македонски градови тој беше познат по прекарот Коле – влавчето. Имаше голем број на пријатели како од областа на ветерината така и фудбалери, тренери, музичари уште од времето на својата младост. Беше човек – боем.

Исто така, м-р Никола Михајловски беше сопруг, татко на две ќерки и како што велеше „уште по горд дедо на три внуки“.

Посмртните останки на м-р Михајловски денеска ќе бидат изложени во црква „Свети Спас“ во 12:00 часот додека погребувањето ќе се изврши во 13:00 часот.

Вечен спомен докторе и искрено сочувство до твоето семејство.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.