ИН МЕМОРИАМ: Прим. др Славица Трајкова (1960 – 2025)

Објавено на 6 мај, 2025 во 11:35

По кратко боледување, утрово, во Велес, на 64 годишна возраст, почина Прим. др Славица Трајкова пензиониран специјалист по инфективни заболувања.

Прим. др Трајкова беше дипломец на Медицински факултет на УКИМ во генерацијата 1982/83 година којашто својата лекарска кариера ја започна една година подоцна во тогашната јавна здравствена институција во родниот град којашто го носеше името „Медицински центар на Титов Велес“. Таа со првото работно решение беше распределувана на работа, како лекар од општа пракса, во амбулантите што тогаш функционираа во населените места на територијата на општината за потоа две години да биде дел од тимот на Итната медицинска помош, поточно, се до конкурирањето и добивањето на специјализацијата по Инфективни заболувања.

Прим. др Трајкова во законскиот рок од четири години ја заврши специјализацијата и од 1991 година се до пензионирањето, на 1 јануари 2023 година, работеше во матичната здравствена организација, ЈЗУ Општа Болница Велес. Освен посветеноста кон пациентите таа голем дел од своето време го посвети и на научно истражувачката работа. Токму издадените поголем број на научни трудови, објавени во државни медицински списанија, беа клучни да се стекне со титулата Примариус.

Во својот работен век, Прим. др Славица Трајкова, повеќе пати беше назначувана за Началничка на Одделение за Инфективни болести во велешка болница,  во 2017 година како координатор на првиот тим за акредитирање на ЈЗУ Општа болница Велес во здравствена институција со квалитет на издавање на услуги за пациентите, во времетраење од една година, додека во 2018 година беше дел од тимот којшто ја акредитираше и лиценцираше повторно во Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во државата, во времетраење од три години. Велешка Општа болница беше прва јавна здравствена установа во државата со ваков вид на Лиценца.

Во својата професионална работа Прим. др Трајкова,исто така, беше именувана за Претседател на Управен одбор и на Комисија за интерхоспитални заболувања во велешка болница.

Таа беше и единствениот специјалист инфектолог во тимот којшто во време на коронапандемијата еден месец се бореше со болеста и се грижеше за пациентите во ставениот во карантин град Дебар. По враќањето во Велес и едномесечната изолација Прим. др Трајкова ја продолжи битката со болеста на Инфективното одделение во велешката болница во која се лекуваа пациенти болни од корона освен од Велес и од Вардарски плански регион.

Посмртните останки на Прим. др Славица Трајкова ќе бидат изложени во соборниот храм „Свети Пантелејмон“ во Велес, утре, среда, 7 мај во 12:30 часот додека погребот во семејната гробница ќе се одржи во 13:00 часот.

Вечна слава докторке!

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.