Инклузивна приредба во Велес: „Сите деца заслужуваат другарство и љубов“

Објавено на 5 јуни, 2025 во 11:51

Под мотото „Другарство што не познава граници – заедно чекориме напред“, на сцената на Театарот „Ј. Х. Константинов-Џинот“ се одржа инклузивен настан со учество на деца со и без попреченост од неколку училишта и градинки во Велес.

Настанот го организираа учениците и наставниците од ОУ со Ресурсен центар „Маца Овчарова“, во соработка со децата од градинките „Димче Мирчев“, ООУ „Васил Главинов“ и Балетското студио „Анабела“.

Преку заедничка песна, игра и настап, децата испратија силна порака за прифаќање и еднаквост.

-Целта е да покажеме дека и овие деца сакаат другарување и секојдневна среќа преку игра и учење, истакна директорката Снежа Стојановска.

На програмата беше и претставата „Снежана и седумте џуџиња“, изведена без зборови – само со гестови и насмевки, како и промоција на сликовницата „Драгарка, другарко и две маченца“ од Денис Јанкуловски.

Сликовницата, достапна и на Брајово писмо, се фокусира на прифаќање и инклузија на децата со аутизам.

-Сите деца, без разлика на нивните разлики, заслужуваат љубов, разбирање и почит. Тоа е пораката што ја носат овие приказни, порача Јанкуловски.

Настанот заврши со заедничко играње и прегратки на сцената, како симбол на пријателство и заедништво што не познава граници.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.