Инжинерската фела во Македонија против трасата на „брзата железничка пруга“ во ‘Вардарска долина“

Инжинери на Република Македонија упатија Претставка до Владата и Министерството за транспорт со барање за исклучување на можноста трасата на идната брза железничка пруга да поминува низ просторот резервиран за реализација на проектот „Вардарска долина“.
Здружението на оваа стручна фела во Македонија бара да се исклучи трасирање на брза железничка линија низ просторот предвиден за реализација на проектот „Вардарска долина“. Во образложението на барањето пишува дека во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, „Вардарската долина“, се наоѓа на крстопатот на историската одлука на актуелната Влада која ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина.
„Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти, тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија.
Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина“ ќе донесат многу економски придобивки. Тие ќе овозможат значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакнат енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, а ќе се обезбеди и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата. Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата, туку и во иднината на нашите деца и внуци,пишуваат инжинерите од здружението.
Според нив потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постоечкиот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина и не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им се одземе правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што Вардарската долина може да ги понуди.
„Ние, како општество, мораме да ги зачуваме сите опции за развој и користење на природните ресурси на најодржлив можен начин. Затоа цениме дека трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде би ги зачувала просторните можности на Вардарската долина овозможувајќи притоа истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката.
Затоа ја повикуваме Владата и Министерството за транспорт да не го нарушуваат концептот „Вардарска долина“ бидејќи само така можеме да ја обезбедиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која енергијата тече слободно по Вардар, а со неа и просперитетот за сите нас, додаваат од здружението Инжинери.
Нивната порака е дека Вардарска Долина е колосек на иднината на Македонија.
Дума.мк
