Изгореа маторица и неколку прасиња во пожар во село Ерџелија кај Свети Николе
Пожарот се случил вчера, во штала што била лоцирана на влезот во село Ерџелија. Огнот се појавил околу 11:00 часот. Пет пожарникари со две против пожарни возила на ТППЕ Свети Николе го гаснеле два часа и дваесет минути. Во пожарот изгореле свиња – маторица и неколку прасиња, соопшти Републичкиот центар за управување со кризи.
Оваа државна институција, исто така, информираше за уште две опожарувања што се случиле во текот на вчерашниот ден на територија на општините Кавадарци и Велес.
Во Кавадарци пожар избил на отворен простор во близина на фабриката „Еуроникел“ во село Возарци. Горела ниска вегетација а во период од еден час, поточно од 14:50 до 15:50 часот, со две против пожарни возила интервенирале пет пожарникари на ТППЕ Кавадарци и го изгаснале огнот.
Додека на територијата на Општина Велес во 13:00 часот започнала да гори ниска вегетација и смреки од површина од 10 хектари во село Црквино и во рок од два часа и петнаесет минути пожарот бил изгаснат од страна на 15 пожарникари со три против пожарни возила на ТППЕ Велес. Но, истиот пожар повторно се активирал околу 17:45 часот и на лице место интервенирале седум пожарникари со две против пожарни возила. Истиот бил изгласнат во 19:30 часот.
Стефани Манева