ЈП„Национални шуми“ тврди дека на Јакупица, крај Папрадиште, се сечат деградирани дрвја

Чистата сеча на дрвја од страна на Шумско стопанство „Бабуна“ на парцели со шумски насад на планината Јакупица,во близина на село Папрадиште, е предвидена во годинешнава Програма за работа како и во планот за работа на ЈП „Национални шуми“. Дрвјата што се сечат, на две парцели, ги одобрила и посебна комисија на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство. Станува збор за чиста сеча на деградирано дрво, пишуваат од ЈП „Национални шуми“ во одговор на новинарските прашања на Дума.мк.
„ Станува збор за редовни сечи во ШСЕ ,,Горна Бабуна. Тоа се чисти сечи во оддел 39/а на површина од 12,99 ҳа и во оддел 39/б на површина од 23,31 ҳа. Сечите се маркирани и примени од Инспектор по шумарство. Во оддел 39/а се работи за чист, нискостеблен горунов насад со единечна застапеност од црн јасен, бука и останати видови. Стеблата во насадот се неполнодрвни со искривени дебла и широки крошни. Во 39/б се работи за чист нискостеблен горунов насад со единечна застапеност од црн јасен, во долниот дел плоскач, цер и останати видови. Стеблата се неполнодрвни со искривени дебла и широки крошни. Во насадите во претходниот стопански период е вршена одгледна мерка прореда. Обновата на шумата е од генеративно потекло,“ одговорија од „Национални шуми“.
Од таму тврдат дека пред започнување на сечите била спроведена јавна набавка за планирани количини, согласно склучени договори за сеча, со дотур на дрвни сортименти од двете парцели на Јакупица со фирми кои го добиле тендерот. Договорите биле со важност од една година.
Површината од 36,3 хектари со шумски насад не е воопшто за занемарување доколку се има во предвид дека се наоѓа во планински дел којшто располага со квалитетен дрвен фонд во општина Чашка. Шумарски инжинери уверуваат дека на Јакупица се применувала одгледна мерка со која шумскиот фонд ќе се самообнови. Примената на оваа мерка била со цел на оголените површини да раснат здрави и квалитетни дрвореди наместо постоечките деформирани и деградирани дрвја.
Дума.мк пишуваше за чистата сеча, минатата недела, откако граѓани кои имаат имот во село Папрадиште, на планината Јакупица, во Општина Чашка, споделија фотографии и видеа на кои беше прикажано сечење на дрвја во редици на парцела. На фотографиите беше прикажана исечената дрвна маса до земја и оголена површина.
Убавка Јаневска
