Јубилеј: 40 години МРА „Бабуна 85“, викендов Велес домаќин на акцијаши ветерани од Македонија, Словенија и Србија

Објавено: 12 септември, 2025, во 15:48 часот

Поранешниот акцијаш сега ветеран од Словенија, Ненад Лауко со неговата сопруга Бојана, како поддржувач, веќе пристигнаа во Велес. Тие се први од словенечките акцијаши ветерани коишто ќе учествуваат на организираната Средба во Велес за одбележување на четири деценискиот јубилеј на првата младинска работна акција организирана од тогашната младинска организација, Општинската организација на сојуз на социјалистичка младина на Титов Велес.

Ненад и Бојана вчера вечер дојдоа во Велес од Рибница на Пахорје во Словенија, еден од петте словенечки градови, во кои повторно се возобновува акцијаштвото преку граѓански здруженија на поранешни бригадири а сега ветерани. „Иста цел не обединува сите ветерани во сегашните држави кои произлегоа од поранешна Југославија а тоа е помошта во уредувањето на градовите и локалните заедници во интерес на граѓаните, вели Лауко.

-Акцијашите ветерани во Словенија работат волонтерски секаде каде што има потреба од уредување на јавни површини, косиме трева, обновуваме скали, фарбаме мостови или се што им треба на јавните простори во населените места за да живееме заедно со граѓаните во поубава животна средина. Во Словенија постои Сојуз на бригадири во коишто се вклучени пет здруженија. Граѓанските здруженија се од Велење, Љубљана, Постојнска јама, Птуј и кај нас во областа Корушка, во Рибнице на Пахорје. Вкупно броиме помеѓу 300 и 400 членови на ниво на Сојуз додека ние во Корушка сме некаде околу 120 членови,“ додаде Лауко.  

Овој поранешен бригадир сега ветеран исто така го потенцираше значењето на возобновеното акцијашко движење на просторите на сите поранешни републики од составот на поранешна Југославија а сега држави, како корисно затоа што покажува дека мотивираат поддржувачи, граѓани, во Словенија, во Хрватска, во Босна и Херцеговина, во Србија и во Македонија кои знаејќи што порано, пред повеќе од половина век, значела доброволната работа и сега се приклучуваат во еднодневните волонтерски акции.

-На одбележувањето на јубилејот „40 години МРА Бабуна 85“ до вечер треба да стигнат уште 26 акцијаши ветерани од Србија и од Словенија додека утре во Велес учество најавија 100 акцијаши ветерани од граѓанските акцијашки здруженија од Македонија. Сите се сместени во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ каде утре, сабота, 13 септември ќе се одржи главниот настан на одбележувањето на јубилејот со доделување на Признанија и Благодарници на учесниците и на поддржувачите на тогашната младинска работна акција, рече Делчо Костов од ЗГ „Велешки акцијаши“.

Гостите, исто така, утре ќе ја посетат Спомен куќата на „Кочо Рацин“ и два дена меѓусебно ќе се дружат, разговараат и планираат заеднички акции и средби.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.