Јуроп Хаус Велес го прослави првиот роденден (Видео и фото)
Со панел дискусија за “Животна средина и водни ресурси во Вардарски регион“, вчера вечер, Јуроп Хаус Велес го одбележа првиот роденден. Честитките на евроамбасадорот Дејвид Гир како на младите велешани, на граѓаните на Велес, на преставниците на граѓанските организации и на институциите така и на ангажираните лица во Јуроп Хаус ги пренесе заменик амбасадорот на Делегација на Европска Унија, Бен Нупнау.
Нупнау, меѓу другото, ја потенцираше возбудата кога пред една година се отвори Јуроп Хаус во Велес, како што истакна, во градот чиј дијалект ја преставува основата на македонскиот јазик, родното место на големиот поет Кочо Солев Рацин и истовремено на извонредниот велешки Театар како и во добра винска област којашто се протега по долината на река Вардар.
Во панел дискусијата „Види го Вардар почисто – -See Vardar differently” организирана по повод кампањата на Европска Унија „Water Wise EU“, чиј слоган е #SeeWaterDifferently, за генералното значење на река Вардар како и еколошките предизвици со кои таа се соочува дискутираа модераторката Деница Чадиковска, млад новинар на Истражувачка репортерска лабораторија „ИРЛ“ и соговорниците Давор Пехчевски, координатор за енергија за Балкан во „Bankwatch“ којшто има 10 годишно искуство на теми поврзани со животната средина како и за загадување на вода, почва и воздух, Лила Караташева, новинарка на ИРЛ, една од авторите на истражувачката приказна во прекуграничното истражување со колеги во Грција „Отровна вода – отровна земја- отровна храна“, новинарот Гоце Трпковски на Балканска истражувачка мрежа и автор на истражувачката приказна „Пречистителни станици – надградба на криво насаден систем“ како Мирјана Димовска која е раководител на Одделение за безбедност на вода, санитација на животна средина и екотоксикологија при Институт за јавно здравје како и професорка на Катедра за Хигиена на Медицински факултет на УКИМ.
Ирена Карапанџовска координаторка за вмрежување во Јуроп Хаус Велес ги соопшти постигнатите работни успеси во изминатата, прва година од постоењето на овој значаен објект во локалната заедница на Велес.
По завршување на официјалниот дел на одбележувањето на првиот роденден присутните гости се дружеа во дворот на Јуроп Хаус каде за забавата беа задолжени Дуо „StarDust“.
Убавка Јаневска