Се зголемува наталитетот во Кавадарци!
Првото бебе во Кавадарци родено во новата година е женско.
Семејството Димовски од Кавадарци го доби првото дете во семејството , а градот првото новороденче за оваа година. Мајката Марија донесе на свет здраво женско бебе тешко 3450 грама, долго 52 сантиметри. Породувањето е извршено со царски рез.
Вечерва гинеколошко акушерскиот оддел во кавадаречката болница го посети градоначалникот Александар Панов. На мајката и подари штедна книшка со 10 илјади денари и неколку други вредни подароци. Првиот човек на Кавадарци подароци им подели и на останатите родилки кои се наоѓаат на гинеколошко-акушерскиот одддел, како и на лекарите и останатиот медицински персонал.
“Од името на локалната самоуправа и од мое лично име да им го честитам првото дете на семејството. Се роди првото женско бебе за оваа година, тоа симболизира просперитет и плодност . Се надеваме дека годината што е пред нас ќе ни биде плодна на секој план. Бебето да биде здраво и живо, а семејството да оди на трето дете“ рече градоначалникот Панов.
Податоците од кавадаречка гинекологија покажуваат зголемување на наталитетот. Во 2011 година се родени 486 бебиња .“Во 2012 година имаме 85 бебиња повеќе или 581 бебе, што значи зголемување на наталитетот за 17,5%. Сигурно иама влијание проектот за трето и четврто дете. Многу млади брачни парови се одлучуваат да родат трето па и четврто дете. Во последните 10 години не сме ја имае оваа бројка“ рече прим. Д-р Бранко Поповски, началник на гинеколошко-акушерскиот оддел.